Еден ден ми светна дека многу од нас се` уште се бунтуваат... Како мали деца, и не знаејќи зошто. Изненадена бев, речиси шокирана, што го открив ова однесување кај себеси. Си мислев дека сум го надраснала...

Еден ден ми светна дека многу од нас се` уште се бунтуваат... Како мали деца, и не знаејќи зошто. Изненадена бев, речиси шокирана, што го открив ова однесување кај себеси. Си мислев дека сум го надраснала... Сепак, кога се запрашав зошто се однесувам на одреден начин, одговорот беше оти се бунтувам.

Како деца сме се бунтувале против родителите, против авторитетот. Сега кога сме возрасни и „главни“ во нашите животи, зошто се` уште се бунтуваме и против кого? Одговорот е истиот: „авторитет“. Сепак честопати ние сме и „бунтовникот“ и „тој против кога се бунтуваме“. Чуден концепт? Веројатно, но го остваруваме многу пати.

Кога спроведуваме нова одлука, било станува збор за почеток на нова диета, програма вежби, или нов позитивен став, стигнуваме до точката каде што се појавува бунтувањето. Од една страна си велиме што треба да правиме, а од друга страна одбиваме да го исполниме тоа. Во нас е втелотворен и ликот на авторитет и тој што не сака да му се наредува.

Се договараме со себеси, или со другите, дека ќе се придржуваме кон одреден план, а потоа ни се чинат како товар времето и енергијата потребни за да ја извршиме својата обврска. Понекогаш ни се јавува необјасниво чувство на одбивност кон личноста со која сме се договориле или кон самиот проект.

Пред неколку месеци почнав програма за подобрување на гледањето. Во првите две недели ми одеше супер. Секој ден ги следев упатствата, ги правев потребните вежби и визуелизации. Тогаш настапи бунтувањето... „Морам ли да го правам ова секој ден? Имам други работи...“ Којзнае колку пати сум забележала како го повторувам тој образец. Ќе почнам нешто што сум решила дека ќе го правам, па штом ќе прерасне во нешто што „мора“ да го правам, се бунтувам и наоѓам некоја причина (изговор)за да не продолжам.

Од каде доаѓа потребата за бунтување? Дали тоа е потреба да чувствуваме оти животот ни е под контрола, дека ние сме господарите на нашата судбина? Дали тоа е потреба да се чувствуваме моќно? Дали е неизговорена потрага по самопочит и ценење? Дали всушност си велиме себеси и на светот дека сме важни, дека нашите желби треба да се чујат, дека значиме?

Разгледувајќи ги случаите во кои се бунтувам, гледам дека тие манифестации често потекнуваат од потребата да ја наметнам својата независност... да изјавам дека никој друг не е мојот господар. Сепак, иронично, кога го прикажуваме овој начин на однесување, всушност се одрекуваме од нашата моќ, предавајќи им ја на личноста или предметот против кои се бунтуваме. Им дозволуваме на другите да ни го насочуваат однесувањето. На пример: се сеќавам дека, како дете, бев утврдила неизговорено правило. Ако мајка ми ми кажеше да си ја средам собата, немаше да го сторам тоа. Ако издржеше одреден период (претходно ќе утврдев колку без да знае таа) да не ја спомне мојата неуредна соба, ќе ја исчистев. Но внимавај, само ако ми предложеше да го сторам тоа... нередот ќе останеше додека јас не решев дека чекала доволно долго.

Сепак, кога одбивав да ја средам собата поради тоа што таа ми рекла, се` уште и` ја давав нејзе моќта да владее со моите постапки. Нејзиното барање „ме тераше“ да ја оставам собата неуредна; кога нејзината постапка беше „тишина“, тогаш ќе си ја средев собата. Нејзиното однесување ја диктираше состојбата на мојата соба, а да не зборуваме за состојбата на мојот ум. Нејзиното барање кај мене ќе предизвикаше намуртена реакција проследена со чувство на вина.

Во случај да се бунтуваме против надворешните околности во нашиот живот, се бунтуваме преку ставовите и мислите. Се лишуваме од својот внатрешен мир и среќа како резултат на постапката што некој ја направил или не ја направил. Кој господари со кого?

Единствениот начин да бидеме навистина моќни во нашите животи е да господариме со своите постапки и реакции. Моќта не се покажува преку изразување на лутината. Моќта често може да биде скриена во тивкото разбирање и сочувството. Моќта е во прифаќањето на тоа дека сите го играат сценариото на својот живот, и оти секој, вклучувајќи те и тебе, си го пишува сопственото сценарио. Никој друг не ги пишуватвоите реплики. Никој не решава дали ќе се чувствуваш радосно или депримирано. Никој не може да те присили да реагираш луто или мирно кога си соочен со стресна ситуација.

Каде лежи вистинската моќ? Во тебе, во твоите избори, во твојата претстава за себеси и за твојот свет. Каде лежи победата на бунтовникот? Во сфаќањето дека лутината раѓа повеќе лутина, бунтувањето поттикнува уште повеќе бунтување, а смиреното согледување носи задоволство и хармонија.

Кога станува збор за мене, навистина сакам да го спуштам оружјето и да престанам да се борам со себеси. Некој рекол, ние сме своите најлути непријатели... како и дека мирот почнува дома. Време е да го надминеме бунтовничкото однесување и да ја прифатиме силата на спроведувањето на одлуките што сме ги избрале, на самопочитта и самосвеста, на личниот авторитет и внатрешната моќ.

Сите може да бидеме победници во играва наречена живот. Животот не е натпревар. Тој е пат на кој сме слободни да си ги следиме своите највозвишени соништа, и да бидеме прекрасните и силни суштества коишто сме.

од Мари Т. Расел (Marie T. Russell)
Преведе Magdalena Horvat

Преведено од "Are You Rebelling?" на www.innerself.com.


russell_bio_macedonian