Сум забележала дека во некои денови се будам рано, исполнета со енергија и полет. Станувам со чувство дека сум подготвена „да се соочам“ со светот. Од друга страна, пак, во некои утра ми се чини дека не можам да се помрдна...

Сум забележала дека во некои денови се будам рано, исполнета со енергија и полет. Станувам со чувство дека сум подготвена „да се соочам“ со светот.

Од друга страна, пак, во некои утра ми се чини дека не можам да се помрднам. Не зборувам за утрата кога можеби сум физички истоштена и треба да се наспијам. Мислам на тие утра кога доволно сум се одморила, па сепак ми се чини дека никако не може да се мотивирам за „да станам и да блескам“.

Во тие мигови, се прашувам себеси што е тоа од коешто сакам да избегам. „Што е тоа во мојот живот, кое ме спречува да чувствувам ентузијазам кон денот што доаѓа?“ Секако, лесно е да се фрли вината врз некој друг. Тој-и-тој е виновен за мојата лутина, тие се виновни што сум во депресија, итн.

Сепак кога сум искрена со себе, сфаќам дека причината за мојот недостиг од енергија секогаш е мојата активност (или неактивност). Понекогаш, тоа е некој повик што го одложувам оти се плашам дека нема да биде успешен; другпат, во прашање е некоја ситуација или личност со која не сакам да се соочам. Обично станува збор за нешто што се обидувам да го избегнам, и за да не мора да се соочам, моето одбегнување се сведува на малодушно чувство што ме тера да останам во кревет. Наместо да најдам конструктивен начин да се соочам со ситуацијата, спиењето ми се чини полесна алтернатива. Па ја одбегнувам одговорноста така што несвесно се лизнувам во состојба на занемарување, на малодушност.

Прашањето е: дали тоа навистина е полесниот начин - да го одложуваме, и да се обидуваме да го избегнеме, тоа од кое се плашиме во денот што доаѓа?

Ништо не може да се одложува вечно. Можеби мислиш дека може, дека од нешто си се сокрил „засекогаш“, но твојата потсвест ќе го памети тоа и постојано ќе те потсетува на прикриен начин. Ќе го носиш чувството на „безживотност“ додека не се соочиш со неговата причина.

Нерешените ситуации ти ја цедат енергијата. Како да има некое цевче поврзано со „проблемот“ и енергијата постојано си се одлива од тебе дури не ја отстраниш врската, така што ќе го смениш својот став, ќе преземеш акција, и ќе ја разрешиш ситуацијата.

* Дали чувствуваш ентузијазам кон животот?

* Дали се будиш возбуден што ќе се соочиш со новиот ден?

* Дали си заинтересиран за својата работа, и дали ја работиш со концентрација, енергија, и полет?

* Дали го работиш тоа што би го избрал кога би можел да почнеш одново?

* Дали им посветуваш време на активностите во кои уживаш?

За човек да живее среќен и исполнет живот, одговорот на овие прашања треба да биде ДА изговорено со ентузијазам. Во спротивно, се влечкаш наоколу, извршувајќи задачи кои всушност и не те интересираат.

Па, ако се будиш наутро со чувство дека не сакаш да станеш од кревет, би ти предложила да ја преземеш одговорноста за чувството и да се запрашаш од што всушност бегаш, а потоа да се соочиш со таа ситуација.

Штом ќе се ослободиш од тие „неразрешени мистерии“, ќе откриеш дека повторно си го стекнал загубениот ентузијазам и ќе ти биде многу полесно да уживаш во животот. Избегнувањето на очекуваната болка или замислените конфронтации се сведува на медиокритетна егзистенција во која нема радост и виталност. Нивото на енергија ќе ти биде многу поинакво кога на животот ќе му приоѓаш со ентузијазам и одговорност, потврдувајќи го и спроведувајќи го во стварноста.

Животот може да биде радосен и среќен. Може повторно да бидеш како весело дете - нестрпливо да ги види играчките и радостите на денот, со желба да учествува во сета возбуда што ја нуди животот.

Размисли за својот живот и види каде ти се одлева енергијата. Поправи ги твоите „пукнати цевки“ и живеј со ентузијазам, очекувајќи го секогаш најдоброто, и со радост чекајќи го тоа што ти го носи секој нов ден.

Смислата на животот е да живееш креативно, исполнувајќи ги своите најдлабоки и највозвишени желби. Оствари ги!

Кога ќе посегнеш по твоите соништа и ќе зачекориш кон нив со ентузијазам, преземајќи ја одговорноста за своите мисли и активности, ќе бидеш многу посреќна (и поздрава) личност.

од Мари Т. Расел (Marie T. Russell)
Преведе Magdalena Horvat

Преведено од "Enthusiasm" на www.innerself.com.


Препорачана книга (English):

Living With Joy
by Sanaya Roman.

Info/Order book.


russell_bio_macedonian