Пеењето љубовни песни за себе може да звучи како чуден начин да си го минуваш времето, но всушност е терапевтско и одлично е за самопочитта - се разбира, ако веќе немаш пренадуено его, тогаш не би ти го препорачала.

Пеењето љубовни песни за себе може да звучи како чуден начин да си го минуваш времето, но всушност е терапевтско и одлично е за самопочитта - се разбира, ако веќе немаш пренадуено его, тогаш не би ти го препорачала.

Првпат почнав да си пеам љубовни песни себеси додека еднаш слушав некои сентиментални песни на радио. Моето "Јас" почна ментално да го заменува зборот "ти" со името на Творецот, Бог, Изворот, итн. На пример: "Ти си ми толку убав..." стана "Бог ми е толку убав". Чувството беше прекрасно. Секојпат кога ќе слушнев љубовна песна, таа се претвораше во химна на воспевање и благодарност кон Универзумот. Во секој случај им даде подлабоко значење на песните што ги слушав. Може ќе се сетиш дека главниот лик во Сестри на дело (калуѓерката што ја играше Вупи Голдберг) го правеше истото... Преобразувањето на секојдневните љубовни песни во песни посветени на Бога, или Универзумот (или како и да ја нарекуваш Творечката сила), е прекрасен начин да се поврзеш со љубовта и блажените чувства.

Тогаш добив ненадејна инспирација. Се запрашав: "Како би било кога би си ги пеела песните себеси?" Мојот ум навистина се вознемири околу тоа. Камо да можеше да го чуеш! "Па која мислиш дека си ти? Кралицата од Шеба? Не мислиш ли дека егото и онака ти е доволно големо?" итн, итн. Но знам дека ако умот толку бурно ми реагира, значи му е страв од нешто.

Кога подразмислив за тоа, сфатив дека пеејќи љубовни песни за себе би ги разнишала старите обрасци. Знаеш, тие во врска со самопожртвуваноста, со тоа секогаш да го ставаме другиот на прво место. Рутината "Не сум доволно добра, не сум достојна за љубов." Но ги стиснав забите и ги игнорирав грубите коментари на мојот ум, кои беа резултат на старата програма.

Прво ми беше малку чудно. "Што ако ме слушне некој? Што ќе си помисли?" Опа, пак старата програма. Можам да слушнам како баба ми и татко ми се грижат за тоа што ќе речат соседите. Старата програма. Сепак продолжив да си потврдувам "Го заслужувам најдоброто во животот", а тоа ја вклучува и потполната и безусловна љубов кон себеси.

Колку повеќе го заменував "тебе" со "мене" во стиховите, толку подобро се чувствував. Мојата самопочит порасна. Навистина почнав да се сакам себеси повеќе. Конечно, кога слушаш како некој (особено ако е познат пејач) постојано ти вели дека си чудесна, дека си најдостојното суштество за љубов што постои, на крај го впиваш тоа. Па кога ги слушав зборовите, наместо да ги насочувам кон мажот во мојот живот, ги упатував кон себеси. Па, "Ти си така чудесен, нели гледаш. Ти си се` за што сум сонувала, се` што ми треба..." го пренасочив кон себеси... постојано потврдувајќи дека сум чудесна...

Почнав да верувам дека, да, јас сум достојна за љубов, убава и чудесна. Конечно, така сме ја научиле и таблицата за множење, нели? Постојано повторувајќи ја, сме ја втиснале толку длабоко што сега може да ги множиме броевите без да трепнеме.

Повторувањето исто така е ефикасно за зацврснувањето на самопочитта и љубовта кон себеси. Обиди се! Пеј си љубовни песни за себе. Можеби прво ќе ти биде чудно, но сигурно ќе ти даде морална поддршка и те потсетува дека си љубен. Конечно, не може да се лажеш себеси. Твојата потсвест го сфаќа секој твој збор буквално, така што твоите афирмации се земаат како чиста вистина... дури и ако ти се` уште не веруваш во нив.

"Толку сум убава за мене... Јас сум се` за што сум сонувала, се` што ми треба. Толку сум си убава, за мене..." Пеј го тоа доволно често и твојата самопочит и љубов кон себеси ќе порасне.

Друг начин е да се "преправаш" дека Бог ти ги пее тие песни. Ќе се чувствуваш апсолутно фантастично! Како да си на врвот на светот - каде што и си. Кога ќе почнеш да ги применуваш песните што ги слушаш на радио, употребувајќи ги за својот личен или спиритуален развиток, ќе видиш дека тоа има огромно влијание на твојата слика за себеси, и на начинот на кој го гледаш светот.

Конечно, нели се чувствуваме супер кога сме вљубени? Па, што би било кога би биле вљубени цело време? Вљубени во себеси и во Универзумот. Еден начин да ја задржиме таа состојба на умот е да си пееме љубовни песни. Резултатот ќе те восхити, како и изобилството од нови можности.

Постојат многу песни што, кога се однесуваат на некој друг, се крајно "зависнички", како "Јас сум ништо без тебе", но кога го пееш тоа за Универзумот или за себе, контекстот е сосема поинаков, нели? Секако дека ти си ништо без "тебе" (било тоа "тебе" да се однесува на тебе или на Универзумот)... Меѓутоа, ти се` уште ќе бидеш ти, вредно човечко суштество, дури и да те напушти сегашниот љубовник.

Многу од љубовните песни кога се пеат за маж (или жена) се крајно депресивни. Повторно, најдобар пример е клишето "Јас сум ништо без тебе". Ама, чекај малку, дури и ако некој во животот те напушти, се` уште ќе бидеш "нешто"... Затоа преврти ги песните, и почни да ги пееш за повозвишена цел - да ја зајакнеш својата самопочит, љубовта кон себеси, и/или упати ги кон Творецот без кој навистина би биле ништо. (Кога Творецот - во кој и да е облик - не би постоел, навистина би биле ништо...)

Па ајде: "Запеј, запеј песна, запеј гласно, запеј силно..." и ќе станеш посилен и ти. Не грижи се за мислењето на другите... Не мора да им кажуваш дека ги пееш песните за себе или за Бог... Само стори го тоа! Ќе ти се допадне!

од Мари Т. Расел (Marie T. Russell)
Преведе Magdalena Horvat

Преведено од "Sing Love Songs To Yourself" на www.innerself.com.


russell_bio_macedonian